Светиот Симеон Мироточив во Митрополијата Црногорско-приморска, на Српската Православна Црква

Светиот Симеон Мироточив во Митрополијата Црногорско-приморска, на Српската Православна Црква

На 21-ви февруари, 2026 година, во Митрополијата Црногорско-приморска, на Српската Православна Црква беше одбележан празникот на Светиот Симеон Мироточив. По тој повод, на покана на Архиепископот Цетински и Митрополит Црногорско приморски г. Јоаникиј, учество во повеќеархијерејското литургиско сослужување и прославата, зеде и Епископот Делчевско-каменички г. Марко.
​На Литургијата на која началствуваше Митрополитот домаќин, г. Јоаникиј, сослужуваа уште и Митополитите од СПЦ: Милешевски г. Атанасиј; Захумско-херцеговачки и стонско-приморски г. Димитриј; Будимљанско-никшички г. Методиј; викарниот Епископ диокијски г. Пајсиј, како и голем број свештенослужители, од повеќе епасрхии на СПЦ и Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија.
​После прочитаното Евангелие, на многубројниот верен народ, со пригодна беседа им се обрати Епископот Делчевско-каменички г. Марко. Зборувајќи за Светиот Симеон Мироточив, Епископот г. Марко рече: „Можеби не е единствениот владетел којшто ја предал власта на своите наследници, пред да му заврши животот на земјата, но е еденинствен или еден од ретките владетели на кои повеќе им омилела скромната монашка ќелија од царската палата, та затоа и се замонашил и се смирил до таа мера, та на своето чедо по тело да му стане духовно чедо”.
​На крајот од Литургијата, Митрополитот г. Јоаникиј им се обрати на присутните со поздравно слово, нагласувајќи го и смирението на Светиот Симеон Мироточив и неговиот живот во покајание, имајќи пред вид дека како средновековен владетел, војуваќи, не можел а да не се огреши, но и дека се каел, па така покајанието претежнало во однос на гревовите и тој се нашол во вечната прегратка Божја.
​По Литургијата се направи литија низ градот Подгорица, до местото викано „Стари Град”, кадешто се наоѓала куќата во која се родил Светиот Симеон. Тука се благослови коливото и славскиот колач, а потоа за званичните гости беше приредена трпеза.

МПЦ-ОА Делчевско-Каменичка Епархија