Роден е во Штип на 25. 11. 1977 година и крстен како православен христијанин со име Горан. Основно образование завршил во родниот град по што се запишал на средно богословско училиште во Скопје. По завршувањето на Македонската Православна Богословија ,,Св. Климент Охридски’’ во Скопје и воениот рок се запишал на Богословскиот факултет во Скопје, а истовремено работи и во администрацијата на Повардарската Митрополија.

По стапувањето на Повардарската Митрополија во единство со Српската Православна Црква, а преку неа и со целата православна икумена, како вработен во Митрополијата и духовно чедо на Митрополитот г. Јован, на 06.07.2002 год. насилно е прогонет од страна на полицијата во Р. Македонија, заедно со Митрополитот и сите негови духовни чеда кои живееја во зградата на Митрополијата. Само неколку денови потоа, на 20.07.2002 година, во услови на прогонство во Манастирот „Св. вмч. Георгиј” кај Неготино, Митрополитот г. Јован го потстрижува во монаштво и го добива името Марко. Но, во истата вечер на монашењето, заедно со Митрополитот и неговите духовни чеда е прогонет по втор пат, сега од манастриот ,,Св. Георгиј“ кај Неготино.
На 02. 08. 2002год. во манастирот „Св. Прохор Пчински”, ракоположен е во ѓаконски чин од епископот Врањски г. Пахомиј и како ѓакон служи во параклисот „Воскресение Христово” во Битола, а истовремено посетува школо за грчки јазик во Грција. Дипломирал теологија на Аристотеловиот Универзитет во Солун, Грција. Иако релативно млад, заради потребите на Охридската Архиепископија, со одлука на Светиот Архиерејски Собор на Српската Православна Црква, одржан на 23 / 10. 05. 2003 година, по предлог на Митрополитот Повардарски и егзарх охридски г. Јован, избран е за негов викарен епископ со титула Дремвицки.
На 01. 06. 2003г. во новоформираниот резиденцијален манастир на Охридската архиепископија посветен на Св. Јован Златоуст, ракоположен е во јеромонашки чин. Немајќи можност неговата хиротонија да се изврши во Р. Македонија, бидејќи властите забранија влегување на српскиот Патријарх и Епископи на Српската Православна Црква во Р. Македонија, истата се изврши во манастирот Св. Прохор Пчински на 07/24. 12/11.2003 година, а со одлука на Светиот Архијерејски Синод на Српската Православна Црква поставен е за местобљустител битолски. На 29 / 16. 06. 2006 со одлука на Светиот Архиејерејски Синод на Православната Охридска Архиепископија поставен е за надлежен Архијереј на Брегалничката епархија со титула Епископ Брегалнички и местобљустител Битолски.
По решавањето на повеќедеценискиот раскол помеѓу Српската Православна Црква и Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија се воспостави единство помеѓу двете сестрински цркви. Како плод на воспоставената братољубива заедница помеѓу двете сестрински Цркви, САС на МПЦ – ОА донесе одлука за формирање на нова Делчевско – каменичка епархија. Со оваа одлука, новиот епископ ја доби титулата Делчевско – каменички, со седиште на епархијата во градот Делчево. Интронизацијата на Преосвештениот епископ г. Марко се изврши на 17. 09. 2023 год. во црквата „Успение на Пресвета Богородица’’ во градот Делчево.