Сиропусна недела, на 22-ри февруари

Сиропусна недела, на 22-ри февруари

Во сиропусната недела, на 22-ри февруари, 2026 година, Епископот Делчевско-каменички г. Марко служеше Литургија во манастирот Свети Василиј Острошки во Црна Гора. Му сослужуваа, игуманот на острошкиот манастир, архимандритот Сергеј, протојерејот Жарко Мицкоски од Делчевско-каменичката епархија и уште неколку браќа од манастирот и свешенослужители од Црногорско-приморската митрополија.
​После читањето на неделната евангелска перикопа, со пригодна беседа, на насобраниот верен народ, им се обрати Епископот г. Марко. Во обраќањето тој напомна дека за нас христијаните секој ден и секој миг од нашиот живот е како оваа недела која уште се нарекува недела на простувањето, бидејќи секогаш кога ќе згрешиме ние бараме прошка, и ставаме нов почеток, а од искуство знаеме дека нашето грешење е секојдневно. Па затоа е потребно и секојдневно покајание и враќање од погрешниот пат на патот кој води во прегратката Божја. „Иако Бог нè љуби, Тој со сила нема нè земе во својата прегратка. Потребно е да вложиме труд, преку постот, молитвата и одрекување од страстите и слабостите, да покажеме дека сакаме да бидеме со Бога. Не да мислиме дека со подвигот сме ја постигнале целта, туку со тоа само покажуваме дека сме спремни нашата слободна волја да ја усогласиме со Божјата, која, пак, е едиствена спасоносна”, нагласи Епископот г. Марко.
​На крајот од Свтата Литурија, со одбрани зборови, игуманот Сергеј му се заблагодари на Епископот гостин, за принесените дарови и молитви на Бога, а потоа за сите присутни, братството на манастирот имаше приготвено послужување и трпеза, на која монасите и верниците останаа во разговор со Епископот г. Марко, живо интересирајќи се за духовниот живот во Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија, како и конкретно за Делчевско-каменичката Епархија.
​Пред заминување од манастирот Епископот г. Марко со својата придружба се поклонија на нетлените мошти на Свети Василиј Острошки, примајќи благослов и молитвена поддршка од Светителот за претстојниот чесен велигденски пост.

МПЦ-ОА Делчевско-Каменичка Епархија