На месопусната недела и на Христовиот празник Сретение Господово во храмот посветен на „Успение на Пресвета Богородица“ во Македонска Каменица се служеше Света Божествена Архиерејска Литургија, со која началствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Наум, во сослужение со Неговото Преосвештенство Епископот Делчевско-каменички г. Марко и свештенството од епархијата.
Во својата вдахновена и длабоко поучна беседа, Митрополитот Наум се осврна на евангелската тема за Страшниот Суд, потсетувајќи дека мерката по која ќе бидеме судени е љубовта кон ближниот. Тој нагласи дека како што се причестуваме со Телото и Крвта Христови и стануваме едно со Него, така сме повикани да бидеме едно и со нашите ближни – во љубов, почит,прошка и милосрдие.
Беше истакнато дека не можеме да кажеме дека Го љубиме Бога, ако не го љубиме човекот покрај нас. Причестувањето не е само личен духовен чин, туку заедничарење кое нè обврзува на одговорност кон секој човек како икона Божја.
По завршувањето на Светата Литургија, во духот на благодарност и признание, Епископот Марко му врачи на отец Атанас граден крст и камилавка (капа), по повод 52 години верна ипо повод 52 години верна и пожртвувана свештеничка служба во лозјето Господово. Овој чин беше сведоштво за благодарноста на Црквата кон неговиот долгогодишен труд, жртва и пастирска грижа.
Верниот народ со благоговејност ги прими Светите Христови Тајни, а богослужението заврши во духовна радост и благодарност кон Бога.
Нека Господ ги укрепува нашите архиереи, свештенослужители и верен народ, и нека љубовта кон ближниот биде наш патоказ кон спасението.





